Циркуз направија во ФФМ со поделба на премиите откако Македонија се пласира на Евро 2020, па од медот се делеше и за фотелјашите во УО кои заработија по 20.000 евра за ништо? Е, во соседна Србија, успеаа и ФФМ да ја надминат во самонаградување за полни џебови на функционерите!
Откако на седницата на Извршниот одбор, Новица Тончев обелодени скандал за трошењето на парите од бонусот што Србите го добиле од ФИФА за учеството на СП во Катар, па на удар беше селекторот Драган Стојковиќ – Пикси за наградата од 1,5 милиони евра, поскандалозна е поделбата на цел милион евра за тројца функционери. В.Д. Претседателот Ненад Бјековиќ, генсекот Јован Шурбатовиќ и спортскиот директор Стеван Дика Стојановиќ.
Оваа тројка од колачот си земале по 340.000 евра, т.е. си се самонаградиле, па потрошиле еден милион евра од вкупно 7,7 милиони евра што биле потрошени од 12-те од касата на ФСС. Болката е поголема зашто оваа тројка си земала по три пати повеќе од тоа што земале фудбалерите – по 100.000 евра секој.
Српските фудбалери донеле одлука сите 26 играчи плус 20-члениот стручен штаб сосе лекари, физиотерапевти, економи да земат иста сума по 100.000 евра и да нема поделби според учинок, минутажа, па некој да земе повеќе, а некој помалку. И фудбалерите не знаеле дека челниците на ФСС ќе си делат повеќе од тие што заработиле, па сега се бесни откако тоа што го објавил Тончев, вчера го потврди и српски „Телеграф“.
Инаку Бјековиќ пред СП требаше да стане претседател, но Собранието не успеа, откако повеќе од пола делегати „исчезнаа“ за гласањето.
Повеќе од пола милион евра се поделиле во награди и за сите вработени во федерацијата, а уште толку се потрошени за хотелско сместување, па медиумите се сомневаат дека ФСС платила сè, „ол инклузив“ за гостите од – пејач(к)и, бизнисмени, глумци, членови на ИК… А, после раната елиминација на „орлите“ кои високо летаа пред СП дека ќе играат финале, се појавија снимки како во хотелот каде беа сместени фудбалерите, било како на пазар, кој стигнал влегувал во него, се сликал со играчите, кои практично немале потребен мир.
И после се чудат како тоа Хрватска може два Мундијали по ред да освојува медали (сребро во 2018 и бронза годинава), а српската селекција не може ни до елиминациска рунда.