Норвежанецот Халвер Егнер Гранеруд победи денеска и на втората од традиционалните новогодишни четири скокалници, откако со лет од 142 метри беше најдобар во Гармиш Партенкирхен, па дојде на чекор да ја освои најпрестижната турнеја во ски-скокови.
Гранеруд триумфираше на првата од четирите скокалници, во Оберсдорф, а денеска леташе за само два метри пократко од рекордот во Гармиш со 142 метри, а првиот скок му беше од 140 метри и победи пред Анже Ланишек од Словенија, додека Полјакот Давид Кобацки, кој е лидер во генералниот пласман во Светскиот куп беше трет на денешните скокови.
Норвежанецот после победата и летот за триумф во Гармиш прослави како неговиот сонародник и фудбалската ѕвезда на Манчестер сити, Ерлинг Браут Халанд.
Со две од две победи на „четири скокалници“, Норвежанецот сега е на чекор да ја освои новогодишната турнеја на најпрестижниот дел од Светскиот куп во ски-скокови.
До крајот остануваат настапите во Инсбрук и во Бишофсхофен.