Француски Пари Сен Жермен наводно го ставил Бразилецот Нејмар на продажба, без оглед на одличната досегашна сезона, објавија неколку портали од Шпанија и цената е само 50 милиони евра.
Веќе од поодамна се шпекулира дека Килијан Мбапе и Нејмар не се во најдобри односи и дека француската суперѕвезда му поставила услов на раководството на ПСЖ да го откачат Бразилецот, кого во 2017 година го донесоа за светски рекорден трансфер од 222 милиони евра од Барселона.
ПСЖ летоска за Нејмар бараше 150 милиони евра, но сега дури за трипати е помала цената, но откачувањето на Бразилецот ќе донесе сериозно ослободување на буџетот, зашто тој имаше преку 30 милиони евра годишна плата, па оттаму и ниската цена за достапност, ако воопшто овие информации од Пиринеите се точни.
Најавите се дека веќе три англиски премиерлигаши се заинтересирани за да го купат, прв во редот е Њукасл, а потоа и „вечните ловци на ѕвезди“ Челси и Манчестер сити.
Но, многу извесно е дека зимава трансфер нема да се случи и дека пореално е на лето, зашто во ПСЖ не се сигурни дали ќе може да го грабнат Осман Дембеле од Барселона, за кој пред неколку дена се појави информација дека „светците“ спремиле 100 милиони евра за да го земат од Каталонија, а е желба и на тренерот Криштоф Галтие и на Мбапе.