Фудбалската опсерваторија ЦИЕС направи прво истражување во новата 2023 година, после СП во Катар околу вредноста на младите фудбалери на фудбалскиот пазар и цената на петте највредни е – вртоглава.
Според проценките на вредноста, скоро една милијарда евра (966 милиони евра) е вредноста на петте најдобри млади фудбалери во моментов, кои нема клуб на светот што не би ги посакал во своите редови.
Прв на листата е Џад Белингем, англискиот репрезентативец од Борусија Дортмунд со проценета вредност од 208 милиони евра, пред сонародникот Фил Фоден од Манчестер сити со 201 милион евра, а следат Килијан Мбапе (ПСЖ) и Винисиус Жуниор (Реал Мадрид) со 191 милион евра, а петти е Ерлинг Браут Халанд, чудесниот норвешки центарфор на Манчестер сити со 175 милиони евра.
Зад оваа петорка се тандемот од средниот ред на Барса, Педри со 170 милиони и Гави со 148 милиони, па Џамал Мусиала од Баерн Минхен со 145 милиони, хрватскиот дефанзивец Јошко Гвардиол со 126 милиони и Феде Валверде, уругвајското крило на Реал Мадрид со 124 милиони евра.