Македонскиот чувар на мрежата Никола Митревски е еден од патниците на Светското првенство (СП), каде што нашата репрезентација предводена од селекторот Кире Лазаров ќе се обиде да ја израдува македонската јавност.
Митревски се надева на добри одбрани на голот, вели дека на турнирот влегуваме со почит кон секого, но и без страв од квалитетните ривали.
„Имавме одлични подготовки за Мундијалот на кој ќе биде многу тешко. Дојде време да се подготвуваме за Норвешка, Холандија и Аргентина. Нема никого да прецениме, ниту да потцениме. Имаме самодоверба и знаеме што сакаме, подготвени сме, а желбата кај сите ракометари е на високо ниво. Сакаме да се претставиме во најдобро светло. Ќе дадеме сè од себе“, кажа Митревски.
Македонските ракометари првиот меч го играат на 13 јануари против Норвешка од 20.30 часот.