Филип Талески ќе биде еден од носителите на играта на Македонија на Светското првенство во ракомет. Левиот беко на Вардар покажа зрелост и во репрезентативните и во клупските настапи, па пред заминувањето за Краков верува дека Македонија е способна да одигра добро првенство.

Талески смета дека не треба да се плашиме од никого и покрај тоа што се наоѓаме во тешка група. Треба да ги користиме нашите предности како младоста и брзата транзиција.

„Имаме тешка група, но сепак, ние нема да се предадеме против никого. Имавме доволно време за да се подготвиме и мислам дека тоа доста добро го направивме. На првиот натпревар играме против Норвешка, репрезентација која е еден од фаворитите за златото, но тоа не треба да не плаши. Ние покажавме повеќе пати дека можеме и знаеме да одиграме кога е најтешко. Треба само да ги слушаме советите од селекторот, да одиме чекор по чекор и зошто да не направиме некое изненадување? Станавме еден модерен национален тим, даваме многу голови, треба само да се фокусираме повеќе во одбраната, да не правиме грешки во транзиција. Можеме да се надтрчуваме, бидејќи младоста тоа ни го дозволува“, вели Талески.

Македонија поаѓа за Краков утре, а првиот меч, со Норвежаните го игра в петок. Во нашата група се уште и Холандија и Аргентина.