Македонија претрпе уште еден убедлив пораз, вечерва од Холандија, со 24-34 (11-18).
Холанѓаните ни одржаа вистинска лекција по модерен и брз ракомет, направија серија со 5-0 и поведоа 7-3 во 10. минута. Имавме неколку „евтини“ технички грешки, а почна да брани и голманот Равенсберген, најавувајќи кошмар за нашите шутери.
Работите малку се стабилизираа, фативме приклучок и до 20. минута дојдовме на 9-11, меѓутоа ни се случи сценарио како со Норвешка, кога од 9-9 завршивме со 11-18 на паузата, и овој пат семафорот застана на тие бројки.
Во второто полувреме почнавме поенергично, имаше желба и нова енергија. Манасков одигра „фластер“ на Лук Стаинс, за Македонија да постигне по два гола на секој еден на Холанѓаните. Дојдовме на -4, последно со 18-22 во 42. минута.
Но се што макотрпно градевме, го прокоцкавме за 2-3 минути, кога Филип Талески беше исклучен. Со празна мрежа во нападот, Холанѓаните набрзина ни дадоа три гола, демонстрирајќи како изгледа брз и модерен ракомет. Разликата стана двоцифрена во последните пет минути, дојде до највисоки 23-34 .
Најдобри стрелци за Македонија беа Кузмановски и Пешевски со по четири гола, Манасков и Костески дадоа по три. Во составот на Холандија Кај Смитс беше нерешива енигма со десет голови.
Последниот натпревар од групата го играме против Аргентина во вторник со почеток од 18 часот. Во директен дуел со Аргентинците ќе биде одлучено кој ќе им се приклучи на Норвешка и Холандија во следната фаза.