Фудбалерите на баскискиот тим, Реал Сосиедад ја запишаа и петтата победа по ред во Ла Лига, откако денеска беа подобри од Рајо Валјекано со 2-0 и така и се приближија на Барселона на само три бода.

Головите за екипата од Баскија ги постигнаа Александер Сорлот и Андер Бареничеа во првото полувреме, по што Рајо ја презема контролата во вториот дел, но не успеа да постигне гол.

Реал Сосиедад има 38 бодови по 18 одиграни меча во Ла Лига, односно три помалку од лидерот Барселона, додека Рајо со 26 бода се наоѓа на деветтата позиција.