Барселона ќе се обиде да го освежи тимот во јануарскиот преоден рок со доведување на играчи кои веднаш треба да заземат место во стартниот состав на тимот, а еден од најпосакуваните играчи во визијата на тренерот Чави е ѕвездата на Јувентус, Матијс де Лихт.
Де Лихт беше желба на Барселона пред две години, но потоа реши да замине во Јувентус во трансфер во кој торинскиот гигант се обврза да му плати на Ајакс 75 милиони евра со дополнителни бонуси. Јувентус го врза на петгодишен договор со клаузула дека може да си замине доколку заинтересираната страна е подготвена да плати 120 милиони евра. Но, тоа се промени.
Јувентус има финансиски проблеми и е подготвен да го пушти Де Лихт за значително помала сума, пренесуваат шпански извори, потсетувајќи дека Барселона се уште е заинтересирана. Наводно претставниците на клубот одржале состанок со неговиот агент Мино Раиола и од него дознале дека цената не е толку висока и дека Барселона може да преземе нешто. Каталонците се подготвени за тоа, а планот е да соберат пари со продажба на Филипе Кутињо.