Мартин Мирчевски и понатаму демонстрира дека е еден од најдобрите напаѓачи во српската Супер лига, постигнувајќи го и шестиот гол за ТСЦ Бачка Топола од почетокот на сезонава.
Овој беше особено важен, затоа што дојде во дуел со Партизан, со кого ТСЦ се бори за второто место на табелата и можеше да му донесе бод на тимот на Мирчевски, сепак црно-белите на крај славеа со 3-2.
Македонскиот напаѓач влезе од клупата во 70. минута, неколку секунди откако Партизан постигна гол за водство од 2-1. За само десет минути игра, 25-годишниот битолчанец прво одлично се ослободи без топка, а потоа одлично одреагира во противничкиот петерец за да изедначи на 2-2. Овој резултат беше актуелен уште шест минути, кога Урошевиќ со права бомба од слободен удар ги постави конечните ТСЦ – Партизан 2-3.
Белградскиот тим сега побегна на 40 бода (плус натпревар помалку), а ТСЦ остана на 36. За Мирчевски ова е шести гол и тоа на последните шест меча на кои настапи, сметајќи од 10 септември наваму. Се изедначи со Ѓаковац како најдобар стрелец на својата екипа и на делба на осмото место во српската Супер лига. Во 11. коло, во септември, беше прогласен и за играч на колото.