Ракометарите на Србија ја забележаа третата победа на Светското првенство во Полска и Шведска. Во рамки од второто коло од групата 3, „орлите“ ја надлетаа Аргентина 28-22, и ѝ нанесоа нов тежок пораз во главната фаза, по оној од Германија во претходното коло (39-19).
Аргентинците одлично се држеа во првиот дел, во неколку наврати имаа позитива од еден гол, но Србија на стартот од вториот дел ја дочека својата шанса и за краток период го уништи противникот и обезбеди значајни бодови на своето конто. Одлични во составот на Србија беа Радивојевиќ со шест и Орбовиќ со четири, додека за „гаучосите“ прв стрелец беше Ломбарди со осум, а три помалку запиша Мартинез.
Рутинска победа забележа и Египет, најдобрата селекција во групата 4. Избраниците на Роберто Гарсија Парондо без многу проблеми го минаа Бахреин (26-22) и ја продолжија победничката серија на шампионатот (пет од пет).
Кај Египет се истакна Елдера со пет, а по четири гола впишаа Санад, Јоусри и Зеин. За Бахреин се истакна Мерза со шест гола.