Ракометната репрезентација на Македонија го загуби дуелот со Тунис со 28:33 во второто коло од Президент купот на СП.
Со овој пораз, Македонија само теоретски има шанси за прво место во групата 2 и да игра за 25-то место на СП. Во последното коло, Македонија игра против Мароко, додека Тунис го чека дуел со најслабата селекција во групата Алжир.
Нашите ракометари лошо го започнаа натпреварот, првиот гол го постигнаа дури во шестата минута, за тоа време Тунижаните дадоа пет гола.
Во второто полувреме имавме серија од 4:0 со која Македонија во 34-та минута за прв пат поведе на натпреварот. Во следните девет минути се играше гол за гол, но потоа Тунис возврати со серија од 0:4 и поведе со 21:24.
Во 48-та минута по голот на Пешевски за 23:25, следеше серија од 0:3 на Тунис со која беа решени дилемите околу победникот.
Најдобри кај Македонија беа Филип Кузмановски со осум, Манасков седум гола, додека кај Тунис, Мохамед Абдул Дармул даде осум гола.