Бундеслигашот беше голем фаворит во пресметката во „Боро Чурлевски“ и ќе беше премногу да се очекува некој отпор од Пелистер, особено по променливата форма од почетокот на сезонава. Предводени од извонредниот голман Виктор Киреев, Германците првиот чекор го направија со серија од 3-0, за водство од 10-6 во 18. минута.
Битолчани полека го губеа чекорот и на паузата имаа највисока негатива од осум гола, 14-22. Уште веднаш во вториот дел предноста на Фуксе стана и двоцифрена и до крајот се играше рекреативно.
И покрај тоа, Киреев запиша 15 одбрани, со 40-процентна успешност, а Лесјак и Кизиќ имаа 10 заедно. Жарко Пешевски броеше до осум гола, капитенот Мирко Радовиќ постигна шест, а Ненад Костески и Марио Танкоски по пет. Црногорецот Милош Вујовиќ му даде девет гола на Пелистер. По три кола македонскиот вицешампион има два бода во групата Д, а четвртиот натпревар е на 29 ноември, на гости кај Мотор Запорожје.