Франција убедливо со 35-28 ја совлада Германија, а Шведска со 26-22 славеше над Египет. Двете најтрофејни селекции на Светските ракометни првенства ќе играат во полуфинале на Мундијалот.
Конечниот резултат 35-28 за Франција со Германија не ја отсликува реалноста на овој натпревар. Нивниот дуел беше изедначен се до самиот финиш кога Французите направија серија и стигнаа до висока победа од седум голови разлика.
Германија водеше во најголемиот дел од првото полувреме, на одморот беше нерешено 16-16. Германците имаа водство и во воведните минути од второто полувреме, но Франција го крена нивото во финишот и ја оправда улогата на фаворит.
Фабрегас и Ремили со по пет голови беа најефикасни во тимот на Франција, кај панцирите Јоханес Гола постигна шест, Кнор реализира пет пати.
Противник на Франција во полуфинале ќе биде Шведска која го совлада Египет.
Египет добро го почна мечот против Шведска, водеше во поголемиот дел од првото полувреме но при предност од 9-8 застанаа. Швеѓаните направија серија од 6-0 и на одмор имаа предност од 14-9. Во вториот дел ја продолжија серијата и дојдоа до највисоки седум разлика, 16-9. До крајот само рутински го одржаа водството за победа од 26-22.
Екберг со шест голови беше најефикасен кај Шведска, Сандел и Јохансон постигнаа по четири, кај Египет најдобар беше Махмуд со пет погодоци.
Франција – Шведска ќе биде дуел меѓу двете најтрофејни селекции на Светските првенства, Французите имаат шест титули и вкупни 11 медали, а Швеѓаните 12 медали од Мундијалите.
Во другото полуфинале играат Шпанија и Данска.