Ракометарите на Вардар победија во еден од клучните дуели во Лигата на шампионите, против Загреб во СЦ „Јане Сандански“ со 20-19. По триумфот, на прес-конференцијата освен тренерот Дејвис зборуваше и Борко Ристовски.
Искусниот голман во второто полувреме собра шест интервенции, дел од нив во клучни моменти и по победата го изнесе своето задоволство.
„Честитки до ППД Загреб за борбениот натпревар. Иако немаше квалитет, беше многу неизвесно. Борбеноста и пожртвуваноста беа пресудни. Ако гледаме реално, можеби бод ќе беше најреален. Сепак, ние бевме подготвени за овој натпревар. Целата екипа беше многу нервозна, веројатно од многу притисок. Некои работи не се испочитуваа, но ние сме среќни со победата. Напредуваме од натпревар во натпревар. Добро е да се победува и кога не играте добро, бидејќи тогаш има уште простор за напредок. Задоволни сме од резултатот и мора да се посветиме на следните предизвици“, изјави Ристовски.