Хрватскиот ракометен првак Загреб не успеа да ја продолжи добрата низа против Вардар. По двете победи на домашен терен над македонскиот ривал, „плинарите“ загубија во Скопје (20-19) во еден дуел кој не изобилуваше со убавина, поради важноста на бодовите.
Сега загрепчани се наоѓаат во подредена улога во Лигата на шампионите, а Вардар ги држи конците во своите раце. По натпреварот, тренерот на гостинот Ивица Обрван говореше пред медиумите и истакна дека жали за конечниот епилог.
„Честитки за победата на Вардар. Знаев дека ќе играме тежок натпревар и ќе биде тврдо. Не гледавме квалитетен ракомет. Сметам дека како што се однесуваше резултатот и каква енергија прикажаа моите играчи, можеби и заслуживме бод и ќе беше најправеден исход. Сепак, Вардар победи. Нам тој бод можеби ќе ни значеше пласман понатаму. Верувам дека тие ќе завршат во нокаут фазата како и да завршеше дуелот. Ние згрешивме на крајот и во завршницата останавме без бод, кој беше наша цел. Кога ќе согледам како изгледавме на последните натпревари, не смеам да сум незадоволен на заложбата и пожртвуваноста. Повредата на Срна ни поремети дел од плановите непосредно пред дуелот, но тоа е тоа. Им посакувам на вардарци многу среќа во продолжението“, изјави Обрван.
Во име на загрепчани говореше и капитенот на тимот, Давид Мандиќ.
„Добро се играше во дефанзива, сметам дека бевме многу добри. Седум-осум минути бевме во криза и Вардар го презеде водството, па беше тешко да се вратиме. Не заслуживме пораз. Можам да кажам дека многу се боревме. Знаевме што играат во напад и добро ги покривавме. Што се однесува нашиот престој во Лигата на шампионите, играме со тешки ривали како Kил дома и Алборг на гости, но по победата над Пик Сегед не гледам зошто повторно не би изненадиле“, изјави Мандиќ.
Загреб во Лигата на шампионите има осум бода исто колку и норвешки Елверум, додека Вардар е пред нив со девет бода. Следното коло за хрватскиот шампион носи домашна средба со бундеслигашот Кил.