Македонија после поразите од Словенија и Црна Гора ѝ преостана само формално да го одигра мечот со Данска, а Лазаров потенцира дека првиот план за настап на овој континентален шампионат не успеал, зашто репрезентацијата е десеткувана, што поради ковид, што поради повреди и сосема поинаква слика ќе била ако ракометната селекција дошла во Дебрецин со сите расположливи сили.
„Идејата за репрезентацијата ја имам уште откако дојдов за селектор, но одиме напред, овој пораз боли, но сакам да истакнам дека за тоа што се спремавме и сакавме да настапиме на ова Европско првенство, комплетни како во квалификациите – не ни успеа тој план! Ковид, повреди…Не сакам да биде ова алиби, но оваа селекција не е иста без Дејан Манасков, без Кирил Лазаров, без Стојанче Стоилов, без Никола Митревски, кој се приклучи во последен момент, без Никола Марковски, без Гоце Ојлески, без невакцинираните… Пак ќе речам не е ова алиби, но планот беше да дојдеме комплетни и да им се спротивставиме на сите, како што беше во квалификациите“, вели Лазаров.
Македонскиот ас и кормилар на националниот тим посочи дека можеби и добро е што вчера не ја победивме Црна Гора, зашто можело многу повеќе штета да направи во изградбата на нова селекција, зашто гордиот и достоинствен пораз од Словенија на првиот меч имал негативен ефект во подготовката за следниот.
„Се случи тоа што се случи, се прилагодивме, загубивме два меча. Првиот го загубивме гордо и достоинствено, можеби тоа доведе и да поверуваме дека можеме лесно да ја победиме Црна Гора, но видовте сите дека ја мотивиравме уште повеќе Црна Гора, која е искусна има големи играчи кои играат во големи клубови, ако споредиме во кои клубови играат нашите играчи. Но, прегледувајќи го двапати мечот синоќа мислам дека сме на добар пат, стојам зад тоа и оптимист сум. Прифаќаме критика, имам што да им кажам на моите играчи, а почнуваме од почеток. За краток период ќе разговараме за тоа кој грешел, зашто грешел, каде грешел. Верувам во нив, можеби многу повеќе јас верувам од тоа што тие веруваат самите во себе, но наша заедничка работа е да ги увериме дека се добри“, вели Лазаров, па додава:.
„Им фали победнички менталитет. Велат се раѓа со таков менталитет, но спортот оди напред и може да им се вгради таков менталитет, можат да се уверат во своите сили. Играме брз и модерен ракомет, на наши грешки загубивме. Мислам дека бевме близу до победата, не велам дека ни јас немам грешки кои мора да ги поправам. Имаат грешки и моите играчи. Можеби една победа вчера со Црна Гора ќе ни направеше и поголема штета. Можеби и подобро е да почнеме од почеток, еве играме два баражи, па ќе може да правиме муабет. Се надевам дека ќе бидеме комплетни, а веќе имам јасна слика, не само играчки туку и карактерно на некои играчи. Некогаш и да си послаб играч, ако имаш добар карактер заслужуваш да бидеш во овој тим. Се познаваме доволно, ама и не се знаеме доволно. Сега како селектор увидов некои работи дека не сме се познавале доволно и можеби уште ќе се запознаваме“.
Лазаров додава дека не се предава и дека стои цврсто на ставот дека има напредок и дека прва цел е пласман на Светското првенство идната година
„Јас лесно не се предавам, а вакви проблеми ми се случувале во кариерата, но цврсто стојам дека по начинот на кој играме имаме напредок, само тоа треба да го преточиме во победи, пласмани и добри резултати на големи натпреварувања. Прва цел е пласман на Светско првенство 2023 година“, вели Лазаров.
Светскиот првак Данска е последниот противник на ова ЕП, а Лазаров верува дека опуштени без притисок и фактот дека нема што да загуби Македонија може да донесат многу подобар меч против фаворитот.
„Нема што да загубиме, ќе се опуштиме, нема да го имаме тој притисок. Очекувам добра претстава, ќе се спремиме добро како да се бориме за пласман. Ќе имаме таков пристап, ќе ни служи тој меч многу, дај боже да се појави уште некој играч кој ќе ни даде доверба дека сме на добар пат, на кого ќе може да сметаме во следните години. Со таков пристап се надевам позитивно ќе ја промениме оваа депресија која ни се случи со поразот вчера. Да го искористиме моментот Европско, да игра млада селекција, за во март да имаме вистински играчи кои ќе бидат спремни во решавачки моменти да дадат голем придонес“, заврши Лазаров.