Иако Македонија никогаш немала помлада репрезентација, бараж дуелите ги играат и решаваат искусните. Такви момци не недостигаат во нашиот национален тим, па Лазаров, Миркуловски, Митревски, Ојлески, Георгиевски, Стоилов ќе бидат ударни адути за вечерашниот натпревар во Злин против Чешка.
По вчерашниот авионски лет до Острава и автобускиот превоз до Злин, ракометарите се одморија и започнаа да ја финализираат тактиката за дуелот со избраниците на Сабате. Еден од ракометарите во најдобра форма, Филип Талески, е умерен оптимист, иако со зборови на респект размислува за противникот.
„Ќе видиме на терен дали во вистински момент доаѓа овој натпревар. Тие што треба да играат се во добра форма, играат и во клубовите и мислам дека физички сме подготвени и знаеме што ни следи на овие два натпревари против Чешка. Посебно денес очекувам тврд натпревар, со многу дуели, со многу тепање. Но, спремни сме, ја знаеме нашата цел и останува да ги финишираме анализите и да излеземе фокусирани на терен и ако може уште вечерва да завршиме голема работа. И денес очекувам борба како на претходните дуели со Чешка. Мислам дека нема да има многу голови, но сакаме да наметнеме ритам со многу голови и трчање. Ќе се обидеме да ги изненадиме, бидејќи сме во подобра форма. Тие имаат повисоки и потешки кружни напаѓачи и тоа треба да го искористиме.
Чешка имаше одлично Европско првенство, играше егал натпревари со Шведска и Шпанија и покажа квалитет. Со новиот селектор сигурно нешто ќе променат во играта, но колку може да се промени во два собири не знам. Системот ќе биде шпански, мислиме дека во одбрана повеќе тактички може да нè изненадат“, заврши Филип Талески.
Македонија никогаш не победила на чешко тло, но извлекла едно реми во официјален натпревар. Сепак, ова е дуел во 120 минути и многу работи ќе се решаваат в недела во Скопје.