Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години заврши како 12-та на Светското првенство кое се игра во Скопје, после денешниот нов пораз во разигрувањето за пласман, сега од Хрватска со 28-32 и тоа само поради ужасно лошото прво полувреме на овој последен меч за црвено-жолтите кадетки.
Да играше Македонија како во второто полувреме, во кое успеа да дојде на минус три од џиновските минус 12 на стартот на вториот дел, веројатно избраничките на Љубомир Савевски и ќе се радуваа и победнички ќе го завршеа СП, но пресуди лошиот прв дел.
Хрватска во вториот дел дојде до најголемите плус 12 и застана, а Македонија заигра далеку подобро, посебно во одбрана, форсирајќи ги противничките да грешат, а со брзи голови успеаа да направат серија од 10-1 и предноста да ја стопат на достижни минус три (23-26), но противничките после тајмаут се соземаа, брзо дојдоа на покомотна предност од пет-шест гола и не дозволија епски кам-бек на Македонија.
Емилијана Ризоска беше најефикасна во нашиот табор со девет гола, а Теодора Дукоска додаде шест. Анџела Жагар со девет беше најефикасна кај Хрватките, а шест даде Ива Буле.