Ракометарите на Бутел Скопје пропуштија голема шанса за да стигнат до изненадување на дуелот против Еурофарм Скопје и во финишот останаа без бодови иако водеа во поголемиот дел од средбата откако загубија со 21:23.
Од почетокот на натпреварот се виде дека екипата на Бутел Скопје има максимално мотивирани играчи кои ќе знаат што сакаат во секој дел од дуелот и ќе се борат за изненадување против фаворитот од Битола.
После почетното водство на Еурофарм Пелистер од 1:0 дојде водство на домашните и постојано беше гол предност во следните неколку минути. Долго се чекаше некој тим да поведе со два погодока разлика, но немаше таква предност до финишот на првиот дел кога Бутел Скопје поведе со 9:7 после серија од 3:0.
Овие два гола беа зачувани до крајот на првите 30 минути. Тимот на Бутел Скопје успеа да издржи и да остане во позитива така што на одмор се замина со 12:10.
Позитивата од плус два уште со првиот напад стана и плус три. Бутел Скопје стигна до 13:10 и овие плус три се чуваа до средината на второто полувреме. Се играше гол за гол до 17:14 кога гостите искористија шанса за да го стигнат трите гола и да ги казнат грешките на противникот, па да се влезе во интересна завршница на средбата.
Резултатот беше 17:17, а Градимир Чаневски беше играчот што задаваше грижи за својот поранешен клуб. Кога противникот ќе најдеше шанса за да дојде до уште некој погодок тој бранеше одлично и го одржуваше Бутел Скопје во игра за изненадување.
До крајот на средбата текот беше максимално возбудлив. Бутел Скопје беше во предност, но до 20:18 кога гостите одново израмнија, а потоа и поведоа. Во последните минути влегоа со предност од 21:20. Потоа следуваше уште по еден гол на двете страни, а тимот на Бутел имаше напад за израмнување. Сепак, ракометарите се прекомбинираа и влегоа во пасивен. Не ја искористија акцијата, па гостите останаа во водство и со 25 секунди за последен напад.
Граџан беше играчот кој погоди за победа од 23:21 после тајм-аутот, па Еурофарм Пелистер успеа да се спаси од големо изненадување и се враќа со три бода за Битола.