Избраниците на селекторот Кирил Лазаров овој пат натпреварот го почнаа далеку поагресивно, одбраната беше цврста и мобилна, што го збуни противникот.На голот последен бедем беше голманот Мартин Томовски, кој имаше седум одбрани само во првото полувреме. Имавме константно водство, а со серија 6-0 Македонија дојде до огромни плус пет (10-5) по дваесетина минути од играта во првиот дел.
Швајцарците заиграа малку поангажирано, се вратија со три гола во низа, но тоа дополнителни ги мотивира нашите ракометари, кои вратија на идентичен начин (13-8). Водството од пет голови го одржавме и во првите десет минути од второто полувреме (17-12), кога полека почна падот во играта на македонската селекција. Следуваше првото исклучување за македонски ракометар Џонов, кое противникот го казни со три голови со кои најави дека нема намера да се предаде. Нашата одбрана полека попушти, во нападот правевме грешки, поради што Швајцарија полека, но сигурно ни се приближи, па дојде до првото изедначување по дури 40 минути наше водство (23-23). Потоа се играше гол за гол, со иницијатива на тимот од Алпите, кое не надмина повеќе од еден гол најмногу поради двете одлични одбрани на Марко Кизиќ, кој само што влезе во игра а во критичните моменти одбрани пенал.
Најдобар стрелец на натпреварот беше четириесетгодишниот ветеран Енди Шмид со 11 погодоци за Швајцарија. Во таборот на Македонија по пет пати погодија младиот Марко Митев и Ненад Костески, додека голманот Мартин Томовски имаше 12 интервенции.