Вардар успеа да победи и да го скрши силниот отпор на Охрид во првото коло од плејофот во домашната лига. Црвено-црните победија со 28-26 (12-13) а гостите имаат за што да жалат против ослабениот и не целосно мотивиран тим на Вардар. За македонскиот тим ова се важни бодови во трката за титулата, особено што во плејофот тргнаа со позитива од пет бодови како резултат на првото место од регуларниот дел на сезоната.
Драма и неизвесност имаше во тек на целиот меч. Гостинскиот голман Брауновиќ во 56 минута го одбрани пеналот на Тимур Дибиров во моменти кога Вардар имаше водство од 26-25. Но, потоа немаше реализација па Вардар зголеми на 27-25 преку Оливие Њокас. Гостите веќе немаа сила, да се спротистават на темпото на Вардар. Немаше ни време за пресврт.
Борко Ристовски одбрани клучна топка при резултат 27-25, а потоа во следниот напад Дарко Ѓукиќ реализираше пенал за водство од 28-25, што беше и првпат Вардар да има „плус 3 “ на натпреварот.
Средбата со Охрид за домашната екипа на Вардар требаше да биде генерална проба пред дуелот со Елверум во лигата на шампионите. Гостите покажаа дека не се дојдени да се предадат, и на полувреме имаа и предност од 13-12. Можеби изненадување, но тимот на Радослав Стојановиќ ги искористи сите шанси, а можеби малку во прилог одеше и тоа што црвено-црните не беа комплетни, што секако не ја намалува вредноста на водството на Охрид.
Домашната екипа настапи без Валчак, Чувара, Стоилов, Моралес, Мишевски, Карапалевски, Крстевски…За Вардар дебитираше Костадин Петров кој во 28 минута го постигна и својот првенец за македонскиот првак.
Иако тренерот Давид Дејвис не побара тајм аут во првиот дел, имаше сигурно добра прилика з атоа откако во 22 минута Охрид имаше водство од 9-6 преку контрата на Мице Шилегов. Но, само три минути му требаа на Вардар да направи пресврт и да израмни на 9-9. Потоа Стефан Додиќ поентираше за водство од 10-9, иако до крајот повторно Охид ги искористи грешките на Вардар и сопствените шанси да замине на одмор со „плус 1“ за водство од 13-12.
Следува пауза во домашното првенство поради одржување на Куп натпреварите и ЕХФ репрезентативната недела. Во следното второ коло од Супер лигата, на 27 февруари Вардар е домаќин на Еурофарм Пелистер, а Охрид е домаќин на Бутел.