Голден стејт Вориорс во драматичен натпревар на свој терен славеше победа против Мемфис со 122:120, а најсреќен на крајот би требало да биде Стеф Кари. Првата ѕвезда на Голден стејт во клучните моменти направи глупост и беше исклучен на 74 секунди пред крајот.

Воините водеа со 116:114, а Кари кој се враќаше во одбрана, од устата го извади штитникот (заштитна гума за заби) кој го носи и нервозно го фрли. Тоа го забележаа судиите, го стопираа мечот и Кари доби исклучување.

 

За Кари ова е дури трето исклучување во неговата 14-годишна НБА-кариера и секојпат тоа било поради ист испад, а тоа е фрлање на штитникот за уста. За среќа на Кари, неговите соиграчи успеаја да ја сочуваат предноста од два поени и на крајот се радуваа на победа од 122:120.