Србинот Никола Јокиќ едноставно е незадржлив во НБА лигата, што го покажува и фактот дека стигна до деветиот трипл-дабл во последните 11 средби. Српскиот центар во дресот на Денвер имаше 14 поени, 18 скокови и 10 асистенции во победата над Индијана од 128:108. За Јокиќ ова беше 18-ти трипл-дабл сезонава, а вкупно 96-ти во НБА кариерата.
Освен овој негов незадржлив трипл-дабл ритам, Јокиќ заедно во тандем со Џемал Мари поставија еден ретко виден рекорд. Овие двајца се само третиот пар во историјата на НБА лигата што во три последователни победи успеале едниот играч да има серија од три трипл-дабл учиноци, а вториот да постигнува 30+ поени на сите три средби. Мари ноќеска застана на бројката од 41 поени.
Пред Јокиќ и Мари ова им успеало само уште на Пол Џорџ и Расел Вестбрук во Оклахома во 2019 година, како и на Вилт Чемберлејн и Том Гол во Филаделфија во далечната 1960 година. На ниедно дуо тоа не му успело четири пати по ред.
Леброн Џејмс даде 27 поени во поразот на Лос Анџелес лејкерс од Њу Орлеанс со 131:126, а Кралот сега се доближи само на 36 поени од рекордот на Карим Абдул-Џабар, за најмногу постигнати поени во историјата на НБА лигата. Леброн овој рекорд може да го сруши веќе на следниот меч против Оклахома во Лос Анџелес. Ако не успее тогаш да постигне 37+ поени, следната шанса ќе му биде на дуелот против Милвоки исто така на домашен терен.
Резултати на останатите мечеви одиграни ноќеска во НБА: Бруклин – Вашингтон 125:123, Детроит – Феникс 100:116, Њујорк – ЛА клиперс 128:134 по продолжение, Чикаго – Портланд 129:121, Милвоки – Мајами 123:115, Оклахома – Хјустон 153:121, Голден Стејт – Далас 119:113.