Македонските репрезентативци од „Макпетрол“, Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ, освоија бронзени медали на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У-21) што се одржа во Ларнака, Кипар.
На шампионатот настапија речиси 1.200 каратисти од 41 држава. Во првото коло Трајковски имаше борба со актуелниот светски првак Матео Фиоре од Италија, кој го победи со резултат 2-1. Во елиминацискиот дел забележа уште две победи, загуби во полуфиналето, но на крајот успеа да се пласира на третата позиција.
Стојановиќ, со убедлива победа против Малик Багаев од Словачка се закити со бронзен медал.
„Задоволни сме од постигнувањето на нашите репрезентативци. Во елиминацискиот дел тројца наши спортисти ги загубија полуфиналните борби и не успеаја да влезат во финалето во своите тежински категории. Сите загубија во четвртото коло, но и сите тројца добија шанса да се борат за бронзен медал. Шансата ја искористија нашите актуелни светски вицешампиони Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ, но, за жал, Викторија Јовановска не успеа да направи хет-трик иако и таа беше на чекор до медалот“, изјави Петар Заборски, тренерот на младите каратисти.
Викторија Јовановска добро се бореше и не загуби, туку нејзината борба заврши 3-3, но противничката Мартина Куртеш од Босна и Херцеговина на судиско изјаснување се закити со бронзен медал. Јовановска заврши петтопласирана на европското првенство.