ФИФА ги објави тројцата финалисти за наградата „The Best“, за најдобар фудбалери на годината. Меѓу номинираните се Лионел Меси, Килијан Мбапе и Карим Бензема.

Лео Меси е прв фаворит, со оглед дека ја освои титулата светски првак со Аргентина, беше најдобар играч на Мундијалот и освои трофеи со Пари Сен Жермен во Франција.

Фантастичниот Килијан Мбапе исто така беше одличен на СП во Катар, беше најдобар стрелец, но и голем адут на ПСЖ.

Карим Бензема со Реал Мадрид ја освои европската титула, беше најдобар во Ла Лига, а го освои и Суперкупот на Европа. Тој ја освои и „Златната топка“ после одличните игри и резултати што ги постигна со Реал Мадрид.

ФИФА истовремено ги објави и финалистките во женска конкуренција, каде за најголемото индивидуално признание ќе конкурираат Алесиа Путелјас (Шпанија/Барселона), Бет Мид (Англија/Арсенал) и Алекс Морган (САД/Орландо прајд). Наградите ќе бидат доделени на 27 февруари во Цирих.