Тинејџерот Стефан Бајчетиќ, играчот на Ливерпул кој неодамна потпиша трет договор во период од година ипол за верност на „Енфилд роуд“ до 2027 година, многу извесно е дека ќе добие повик од Шпанија да игра за „црвената фурија“ во следниот месец за стартот на новиот евроквалификациски циклус.
Бајчетиќ е роден во Виго, неговиот татко Срѓан е поранешен фудбалер на Војводина и Црвена Звезда, а мајката на фудбалерот на Ливерпул е Шпанка. Тој во 2020 година за 250.000 евра од Селта се пресели во младинскиот погон на „црвените“, а сега кај Јирген Клоп добива сѐ поголема минутажа.
Шпанија во изминатиов период загуби три големи таленти, откако Алваро Родригез избра да игра за Уругвај, а Алехандро Гарначо и Нико Паз за Аргентина. Шпанците по секоја цена сега се обидуваат да го добијат младиот Бајчетиќ за да не останат покуси за уште еден суперталент. И Србија сега е близу да извиси, зашто шпански медиуми најавуваат дека новиот селектор Луис Де Ла Фуенте ќе го повика за мартовскиот почеток на квалификациите за Еуро 2024.
„Многу е извесно да добие повик веќе за во март за стартот на квалификациите. Апсолутен приоритет на Шпанија е Бајчетиќ да игра за ‘фуријата’, а не за Србија“, пишуваат шпански медиуми.
Останува опцијата да заигра и за младата репрезентација на Шпанија, но така Шпанците не би завршиле работа како со сениорски настапи со што дефинитивно младиот фудбалер би бил нивен репрезентативец.