Аргентинскиот репрезентативец Лео Меси наскоро ќе објави каде ќе игра следната сезона бидејќи договорот со ПСЖ му истекува на крајот од оваа сезона.
Каталонскиот весник „Спорт“ ексклузивно објави дека нема никаква вистина во написите дека Меси би можело да се пресели во МЛС-лигата и да потпише за Интер Мајами, да замине во Саудиска Арабија и да го потпише најголемиот договор во историјата на фудбалот или да се врати во родната Аргентина.
Според весникот, сигурно е дека Меси и следната сезона ќе игра на терените во Европа и само два тима се во игра, ПСЖ и Барселона.
ПСЖ уште минатата година му понуди нов договор, но таткото на фудбалерот, Хорхе Меси, кој воедно му е и агент, не беше задоволен од понудата бидејќи платата му беше намалена за 10 милиони евра. „Спорт“ пишува дека Светците сигурно ќе ја подобрат понудата.
Адутот на Барселона е тоа што освен што помина 20 години од живототна „Камп ноу“, Меси токму овој град го смета за свој и во неколку наврати изјави дека по завршување на кариерата, сигурно ќе живее таму.
Барселона не може финансиски да му конкурира на ПСЖ, но сигурно е дека ќе може да му понуди солидна плата на Аргентинецот бидејќи претседателот Жоан Лапорта планира да се ослободи од неколку фудбалери во летниот преоден рок.
Најавите се дека Меси конечната одлука ќе ја донесе наскоро и нема да го чека крајот на сезоната.