Италија очекувано ги освои првите бодови во новиот евроквалификациски циклус, за нецел половина час игра постигна два гола против Малта за триумф со 2-0, и се израмни бодовно со Македонија после две рунди.
Новото напаѓачко засилување од Аргентина, Матео Ретегуи со гол после 15 минути игра на асистенција на Сандро Тонали го најави триумфот на азурите, а Матео Песина ја удвои предноста и ја запечати победата, со втора асистенција на Тонали, за Италија без премногу мака да триумфира кај аутсајдерот во групата.
Италијанците имаа пех, кога во 22минута се повреди Вили Гнонто а го замени Грифо.
Италија го загуби првиот меч во Неапол од Англија со 1-2, која со 2-0 брзопотезно ја победи Украина, па по две кола, на табелата „Гордиот Албион“ е со максимални шест бода, Македонија и Италија имаат по три, а Украина и Малта се без бодови.
Италија во јуни нема да игра квалификации поради настапот на фајнлфорот во Лигата на нации во Холандија, па пресметките со Македонија се во септември и ноември, а во јунскиот циклус црвено-жолтите ги чека домашен натпревар со Украина и гостување на „Олд Трафорд“ во Англија.