Интер против Бенфика во реванш четвртфиналето на ЛШ има солидна предност по победата од 0-2 во Лисабон и ќе се обидат да стигнат до посакуваното полуфинале, каде што не стигнале од далечната 2010 година кога ја освоија тројната круна под водство на Жозе Мурињо.
Сепак, тимот на Интер е во очајна форма во последните месеци и всушност настапот во ЛШ беше една од ретките добри работи за навивачите во последно време.
Тимот има само една победа во последните осум натпревари во сите натпреварувања и тоа против Бенфика. Формата на Интер во Серија А е под сите критики – тимот на последните 5 средби во првенството има дури четири порази, а викендов сервираше нов горчлив удар за своите приврзаници и загуби со 0-1 на домашен терен од Монца. Како резултат на тоа, „нероаѕурите“ сега не се дел од Топ 4 во Италија.
Неуспехот против Бенфика речиси сигурно ќе му ја „скрати“ главата на тренерот Инзаги. Тој нема да може да се потпре на повредените Милан Шкриниар, Стефан де Фрај и Далбер.
Се очекува Инзаги да се потпре на својата омилена шема 3-5-2, со Лаутаро Мартинез и Един Џеко во нападот, а Ромелу Лукаку се чини дека повторно ќе остане на клупата. Во средниот ред најверојатно ќе бидат Николо Барела, Хакан Чалханолу и Хенрик Мхитарјан, а на страничните позиции ќе бидат Дензел Дамфрис и Федерико Димарко.
Бенфика, пак, нема што да загуби на реваншот во Милано и сигурно ќе мора да игра офанзивно доколку сака да ја избрише негативата од два гола од првиот меч со Интер. Избраниците на Роџер Шмит, како и нивните противници, не се во најдобра форма откако викендот загубија од Чавес и забележаа втор последовен пораз во португалскиот шампионат.
На овој начин водството на гигантот од Лисабон пред второпласираниот Порто се стопи на само четири бода на шест кола пред крајот на првенството.
Шефот на Бенфика нема да може да смета на Џулијан Дракслер и Александар Бах. Се очекува Шмит да се потпре на најдобриот стрелец на тимот Гонзало Рамос во нападот, поддржан од Жоао Марио, Рафа Силва и Фредрик Аурснес.