Њукасл сериозно го стесни кругот кога е во потрагата нов менаџер на првиот тим, но откако рано во утринските часови се велеше дека раководните луѓе имаат дилеми меѓу Унаи Емери и Еди Хау, половина час по пладне, угледните медиуми од Островот ја посочија првата опција на арапските милијардери.
Специјалистот за Лига Европа веќе имаше своја етапа во Англија како менаџер на Арсенал и поради своето интернационално искуство се претворил во прв фаворит за Њукасл, клуб кој сега е подготвен да ја исплати откупната клаузула која постои во неговиот договор.
Англискиот премиерлигаш го избрал Емери како идеален наследник за Стив Брус кој неодамна и официјално заработи отказ, но за да се комплетира операцијата, Њукасл ќе мора да исплати 5 милиони фунти во касата на Вилјареал, клуб кој веќе е запознаен со целта на најбогатиот клуб во светот.
Емери три пати ја освои титулата во Лига Европа како тренер на Севилја, еднаш загуби во финалето како лидер на Арсенал, но изминатава сезона, стигна до четвртиот трофеј во ова натпреварување во кое важи за вистински „крал“ откако неговиот Вилјареал го победи Манчестер Јунајтед.
Англиските медиуми откриваат дека Емери ја добил битката со Еди Хау токму поради доброто европско педигре, а „Дејли Меил“ вели дека планот на Њукасл е да го претстави за нов менаџер пред почетокот на новиот натпреварувачки викенд во Премиер лигата.