Кошаркарите на ЛА Лејкерс и на Мајами хит поведоа со 3-1 во победи во конференциските полуфиналиња против Голден Стејт вориорс и Њујорк никс и потребна им е само уште една победа за пласман во следната рунда.

Лејкерси кои преку плеј-ин турнирот влегоа во плејофот, утринава во „Крипто.ком арената“ во Лос Анџелес славеа со 104:101 и се наоѓаат на чекор од конференциското финале.

https://youtu.be/htkeAn3fD5o

Неочекуван херој на Лејкерси е Лони Вокер кој сите свои 15 поени ги постигна во последната четвртина. Вокер на 100 секунди до крајот погоди за 100:99, а потоа Леброн Џејмс беше сигурен од линијата за слободни фрлања. Стеф Кари на влезот во последната минута од мечот ги приближи Воините на само еден поен негатива, но токму Вокер од линијата за слободни фрлања ја завери победата.

Леброн Џејмс постигна 27 поени, а Ентони Дејвис е незапирлив во плејофот и имаше дабл-дабл од 23 поени и 15 скока.
Кај шампионот кој се наоѓа пред елиминација, најдобар беше Кари со 31 поен, 14 асистенции и 10 скока.

Голден Стејт последен пат бил во негатива од 1-3 во победи во 2016 година и тогаш успеаја да ги добијат наредните три меча против Оклахома сити тандерс, но подоцна загубија во големото финале од Кливленд кавалирс.

Пред пласман во финалето на Источната конференција се наоѓа и Мајами хит кој со 109:101 го победи Њујорк никс и сега води со 3-1 во победи. Жешките се четвртиот тим во последните 40 години кој како последен носител во плејофот, остварил седум или повеќе победи.

Предводник на Мајами во триумфот беше Џими Батлер со 27 поени и 10 асистенции, додека во редовите на Њујорк се истакна Џејлен Брансон со 32 поени и 11 асистенции.

Двата тима ќе имаат можност во ноќта на вторник кон среда, со евентуални победи да се пласираат во конференциските полуфиналиња.