Јувентус дојде до третата победа по ред во Серија А, и со далеку подобра игра во второто полувреме, на домашен терен го совлада Кремонезе (2-0) и се зацврсти на втората позиција на табелата.

По првите 45 минути, во кои за одбележување е повредата на Пол Погба по само 24 минути игра и тоа на првиот старт по дури 13 месеци, Фаџоли во 55. минута ја погоди мрежата на гостинот, додека Бремер во 79. минута само го потврди триумфот.

 

„Бјанконерите“ стигнаа до 69 бодови, осум повеќе од Милан, кој е прв под линијата на тимови кои ќе играат во Лигата на шампионите следната сезона, поради што на три кола до крајот веќе би можеле да го слават пласманот во најсилното натпреварување. Но, составот од Торино не може да го направи тоа поради најавената нова казна поради финансиските малверзации, која сигурно нема да биде одземање 15 бодови како првиот пат, но би можело да биде минус девет бода, кои во моментов би значеле пад на дури петтата позиција.