Рајо Ваљекано и Столе Димитриевски во самиот финиш испуштија реми на гостувањето кај Мајорка во 24. коло од шпанската Примера и загубија со 2-1 (0-0). Нашата репрезентативна „единица“ повторно беше меѓу стативите кај гостинскиот тим, но не успеа да спречи нов пораз на мадриѓаните. 

 

Резултатот го отвори тимот на Мајорка, кој дојде во водство од 1-0 со голот на Антониот Санчез, во 48. минута, но тимот на нашиот Димитриевски израмни на 1-1 во 76. минута преку Алваро Гарсија. Гостите одново се вратија во резултатска неизвесност, но не успеаја да го сочуваат нерешениот резултат и на крајот дозволија да примат уште еден погодок.

Во 92. минута Ведат Муриќи по една одлично нафрлена топка со глава успеа да го матира нашиот Столе Димитриевски, за огромна радост на домашните фанови. Рајо се обиде во последните секунди повторно да израмни, но веќе беше предоцна. Мајорка победи со 2-1 и сега има 23 бода, додека Рајо има бод повеќе и се наоѓа едно место погоре на табелата, односно на четиринаесеттата позиција во Примера.

Наа другите средби, Хетафе на домашен терен славеше со 3-2 над Селта Виго со осмиот сезонски триумф во Примера. Човек на одлука беше Хаиме Мата, кој постигна два гола, а третиот гол за домашниот тим беше дело на Борха Мајорал. Селта Виго останува на 17. позиција на табелата, додека Хетафе е десеттопласиран со вкупно 33 бодови.

Значајна победа оствари и Лас Палмас, кој на домашен терен на Канарските острови го совлада тимот на Валенсија на Рубен Бараха со 2-0.