Македонија ќе се обиде да направи нов ичекор во Лигата на нации, да оди во Б-дивизијата, а баражот е достижен со прво место, но и шанса да се влезе во третиот барабан за евроквалификациите во идната година. И поради ова, Александар Трајковски, јунакот на Македонија од Палермо во март, посочува дека сите мора да бидат максимално сконцентрирани во овој напорен и нехуман распоред со четири меча за десет дена.
„Знаеме дека ќе биде напорно, но ние мора да го испочитуваме ова (Лигата на нации – н.з.), сепакс сме фудбалери и сите мора да сме фокусирани и да го дадеме максимумот. Знаеме како се пласиравме на Европското првенство (лани дебитиравме на Еуро 2020 – н.з.), па сега ни се отвара нова шанса за да го повториме тоа и пак да одиме на едно големо натпреварување“, вели Трајковски.
Фудбалерот на саудиски Ал Фејха, заедно со Езџјан Алиоски се последните што се приклучија на репрезентацијата после настапите за своите тимови викендов и Трајковски вели дека ја прифаќа фаворитската улога на Македонија, после историските резултати во последните повеќе од година ипол.
„Нас нѐ сметаат за фаворити после сѐ што направивме и се ставаме во таа фаворитска улога, зашто со нашите резултати досека покажавме дека сме фаворити. Имаме сега мечеви на секој три дена, имаме доволен фонд и се надевам дека на крај ќе биде сѐ во најдобар ред. Секогаш е убаво млади играчи да влезат во репрезентацијата, од младата селекција, кои треба да се докажуваат и се надевам дека ќе го дадат својот максимум за оваа селекција“, додаде Трајковски.