Македонскиот напаѓач Бојан Миовски кој беше стрелец на единствениот гол против Молдавија, смета дека нерешениот резултат е реален.
Македонија одигра нерешено 1-1 против Молдавија во пријателскиот натпревар кој се одигра во Анталија во Турција. Поведовме со голот на голгетерот на Абердин, Миовски, но Молдавците израмнија со прекрасен погодок во финишот од дуелот.
„Добро го почнавме натпреварот, бевме добри во првото полувреме, но теренот не ни дозволи да создаваме повеќе шанси. Во вториот дел изгубивме доста дуели, затоа Молдавија создаваше шанси и на крајот постигна гол. Генерално резултатот е реален. Имавме ние неколку шанси од кои можевме да го затвориме натпреварот околу 60та минута, за жал примивме гол, тоа беше одличен гол. Продолжуваме понатаму, ова се пријателски натпревари, се воигруваме и се насочуваме кон мечот во понеделник со Црна Гора“, изјави Миовски.