Во изјава за порталот, одговорниот уредник на МРТ3, Драган Николовски, вели дека на меѓународниот тендер на УЕФА за продажба на телевизиските права за територијата на Македонија за настапите на националните фудбалски селекции за периодот 2022-2028, МРТ кон крајот на минатата година учествувала со понуда соодветна на моменталните финансиски можности и на финансиските проекции за наредните шест години. Но, и тоа било премалку за скапиот ТВ пазар.
“Во деловниот свет се избегнува споменување на цените, но имајќи ја предвид сензитивноста на ситуацијата, како и неповолните реакции на коишто во слични околности вообичаен е изложена МРТ, чувствувам потреба јавно да го изразам ставот дека сумата од рекордни три милиони евра е нереална за држава со број на телевизиски гледачи како Македонија, особено за коексклузивитет. Тоа се страшно многу пари, премногу. Покрај тоа, сумата е апсолутно превисока за македонските околности во телевизискиот бизнис, во којшто државната МРТ единствена од домашните канали се труди да понуди на програмата квалитетни спортски содржини,” вели Николовски.