Најтрофејниот македонски клуб Вардар  со триумф во Виница, запиша нова победа со 3-0 против Слога за да остане на првото место на табелата во Втората лига, со бод повеќе од Гостивар кој го победи Арсими со 2-0, а двата други директни ривали за пласман во Првата лига, Воска Спорт и Пелистер направија големи киксови во  11-то коло.

Дека Вардар нема да има проблем кај Слога во Виница најави после две минути Филип Јаневски со гол за водство, а Дарко Мицевски од пенал во 43-та го дуплираше и практично ја обезбеди победата, која само ја потврди со трет гол Симеон Христов во 72-та минута од мечот. За Вардар ова е деветта победа сезонава во 11 меча.

Антонио Каланоски даде два гола, по еден во двете полувремиња за Гостивар да го победи Арсими со 2-0 и да остане на бод негатива од лидерот Вардар, со осмата сезонска победа и како единствен клуб кој досега сè уште нема пораз.

Голем кикс направи Воска во Охрид со ремито 2-2 против Кожув, меч кој требаше да биде само рутински за охриѓани, но гевгеличани успеаа да го сопнат фаворитот, кој во последните десетина минути имаше еден куп шанси за комплетен пресврт кои не ги искористи.

Уште поголем кикс од Воска направи Пелистер кој загуби во Струга кај Караорман со 1-2 со гол во 96-та минута од мечот, па битолчани сега се на минус осум од Вардар, а минус седум од Гостивар во трката за првите две места кои директно водат во прволигашката конкуренција. Охрид со 3-1 славеше на гости кај Беса ги прескокна битолчани и дојде до четвртата позиција на табелата.

Нови порази запишаа најслабите во моментов, претпоследниот Тетекс со 0-4 кај Беласица во Струмица, односно Борец со 11-та „нула“ на гости во Скопје кај Локомотива Пехчево со 2-3.

ВТОРА ЛИГА, 11-ТО КОЛО

Слога Виница – Вардар 0-3

Локомотива Пехчево – Борец 3-2

Беса – Охрид 1-3

Караорман – Пелистер 2-1

Гостивар – Арсими 2-0

Воска Спорт – Кожув 2-2

Беласица – Tетекс 4-0

Каменица Саса – Детонит Плачковица 1-1

ТАБЕЛА: Вардар 28, Гостивар 27, Воска Спорт 24, Охрид 22, Детонит П. 21, Пелистер 20, Караорман 17, Беласица 15, Беса 14, Арсими 13, Кожув 11, Локомотива П. 10, Каменица Саса 9, Слога Виница 9, Тетекс 7, Борец 0