Ливерпул обезбеди минимална предност по првиот полуфинален натпревар во ЕФЛ Купот. „Црвените“ дома го победија Фулам со пресврт (2-1) откако имаа гол негатива на паузата и за место во финалето ќе играат во Лондон.,

 

Првото полувреме започна со иницијатива на домаќините, но Фулам приреди големо изненадување и поведе преку Бразилецот Вилијан во 19. минута. Одлична асистенција упати сонародникот Андреас Переира, а екс-ѕвездата на Челзи немаше проблем да реализира.

„Црвените“ започнаа со екстремно силно темпо во првите минути од вториот дел. Фудбалерите на Јирген Клоп покажаа голема желба за позитивен резултат и создадоа неколку шанси. Во игра влегоа џокерите Дарвин Нуњез и Коди Гакпо, Ливерпул „фрли“ сѐ во напад, а тоа донесе и два брзи гола. Двоен асистент беше Нуњез, а во 68. и 71. минута Џонс и Гакпо го свртеа резултатот.

Така, до финишот екипата на Јирген Клоп не дозволи изненадување и со еден гол предност ќе патува на реваншот на гостински терен.