Дека големите балкански клубови работат на врвно ниво добро зборуваат и последните информации поврзани со Партизан. Имено, „црно-белите“ од Белград зимава сериозно ќе ја наполнат клупската каса.
Станува збор за трансферот на Михајло Илиќ, кој за сума од пет милиони евра се сели во италијанскиот хит Болоња. Овој клуб под водство на Тиаго Мота блеска во калчото и е во битка за Европа, а во Белград пронајде млад и перспективен стопер за иднината.
Илиќ кој има 20 години се поврзуваше и со трансфер во турскиот Бешикташ, меѓутоа Италијанците имаат поголема финансиска моќ. За услугите на стоперот Партизан бараше седум милиони евра, Болоња првично нудеше 3,5, а потоа двете страни се најдоа на половина и Илиќ за пет милиони оди во Италија.
Партизан се бори за позајмица на Илиќ до крајот на сезоната, со цел да му помогне на клубот во обидот да ја детронизира Црвена Звезда, а не би било изненадување Болоња да прифати за играчот да игра редовно.