Избраниците на Маурисио Покетино сонуваат за освојување на Лигата на шампионите, но за Реал Мадрид тоа е само рутина. „Кралевите“ најмногу во историјата му се имаат радувано на пехарот во ЛШ.
Реал Мадрид беше елиминиран во осминафиналето во две од последните три изданија на европското натпреварување, а само еднаш во последните 10 наврати се пласирал понатаму по пораз на првиот натпревар.
Но, мадриѓаните се во серија од 13 средби без да загубат на домашен терен.
Голем проблем за Карло Анчелоти е немањето клучни фигури како замени за Кашемиро и за Ферлан Менди, кои се суспендирани. Неизвесен е и Тони Крос поради повреда. Доколку Германецот не може да игра, Едуардо Камавинга и Федерико Валверде ќе стартуваат на средината на теренот, покрај Лука Модриќ. Ветеранот Марсело ќе биде лев бек на местото на Менди.
ПСЖ одигра лошо против Ница и третпат сезонава не постигна гол, а се почувствува отсуството на Килијан Мбапе. Сепак, и покрај повредата, вечерва против Реал Мадрид ќе биде на теренот и ќе се обиде да го заврши започнатото на „Паркот на принцовите“.
Серхио Рамос е повреден и нема да се соочи со поранешните соиграчи. Ашраф Хакими имаше здравствени проблеми во текот на неделата, но ќе започне од првата минута, а на голот ќе биде Џанлуиџи Донарума.
Последното гостување на ПСЖ на „Бернабеу“ беше во 2019 година и заврши 2-2. Реал Мадрид поведе со двата гола на Карим Бензема, но Килијан Мбапе и Пабло Сарабија успеаја да израмнат.
Судија на натпреварот вечерва (21 часот) ќе биде Холанѓанецот Дани Макиели.