Фудбалските репрезентации на Египет и Франција се последните полуфиналисти на фудбалскиот турнир во машка конкуренција на Летните Олимписки Игри во Париз.
Француската олимписка репрезентација во последниот четвртфинален дуел извојува минимална победа над Аргентина со 1-0 во Бордо, а херој на „триколорите“ одново беше напаѓачот на Кристал Палас, Матета. На асистенција на сега веќе поранешниот член на „орлите“ од Лондон, Олисе, 27-годишниот голгетер ја затресе мрежата на „гаучосите“ и ја однесе својата селекција меѓу четирите најдобри на олимпискиот турнир.
Франција можеше да слави и поубедлива победа, доколку ВАР не реагираше по погодокот на Олисе во 84. минута. Новиот ас на Баерн Минхен го совлада Рули, но неговиот гол беше поништен поради прекршок.
Египет, пак, до полуфиналето стигна по подобро изведените пенали против Парагвај. „Фараоните“ во 88. минута се спасија од елиминација, откако Адеи погоди за 1-1, а потоа беа перфектни од единаесет метри и го продолжија својот поход кон олимписки медал. Голот за Парагвај го постигна Гомез во 71. минута.
Во полуфиналето Египет ќе се сретне токму со Франција, додека за финале ќе се борат и Мароко и Шпанија.