Арсенал доживеа пораз на домашен терен од Брајтон (0-3) и ја заврши трката за шампионската титула. Манчестер Сити  лидерот во ПЛ е на плус четири бода и веќе во следното коло „граѓаните“ може да се крунисаат за шампиони ако го победат Челзи.

https://youtu.be/sUBI0TuJfaM

„Топџиите“ водеа цела сезона на табелата, но во клучниот момент потфрлија. Двата реми натпревари со Вест Хем и Саутемтпон, а потоа и поразот од Манчестер Сити, го симнаа лондонскиот клуб на второ место, а поразот во дуелот со Брајтон кој игра за место во Лига Европа беше само последниот удар кон клубот кој последен пат беше шампион во 2004 година.

Во првото полувреме Арсенал беше поактивен, но видовме само два шута кон головите. Проблем беше и повредата на Мартинели кој мораше да биде заменет. Стартот на вториот дел го донесе и првиот погодок на „Емирати“, откако Еступинан го проигра Енсисо, а тој го совлада Рамсдејл за предност на Брајтон (0-1). Арсенал потоа се отвори, тргна на се или ништо, а внимателниот Брајтон го казни тоа со втор гол преку Ундав во 86. минута за 0-2. Пред самиот крај во екстра-времето погоди и Еступинан, за конечни 0-3.

Арсенал во следното коло го чека гостување кај Нотингем Форест кој игра за опстанок, додека Брајтон има уште едно незгодно гостување, кај Њукасл Јунајтед, кој се бори за Лигата на шампионите.

 

 

Лондончани имаат 81 бод од 36 меча и само уште два дуели за играње, а Сити има 85 бода од 35 меча, што значи една победа на Сити ќе значи крај на надежите на Арсенал, кој може да освои максимум шест бода до крајот на сезоната.

Брајтон со овој триумф и фактот дека има уште два помалку од Тотнем и Астон Вила е на добар пат да се избори за излез во Европа.