Извонредниот напаѓач на Реал, Винисиус јуниор го заработи првиот црвен картон во дресот на Реал Мадрид откако синоќа беше исклучен на гостувањето кај Валенсија. Бразилецот со лакт удри еден противнички играч, па заслужено беше исклучен во меч на кој и претходно беше во прекин поради Винисиус.
На 15-тина минути пред крајот, Винисиус се жалеше кај главниот судија дека добива расистички навреди од публиката, дури замина до трибините и со прст покажуваше кои се расистички настроени фанови, што наиде на дополнителна реакција од домашните навивачи. Целиот хаос може да го видите ТУКА.
Откако беше исклучен, Винисиус провоцираше и малку фалеше да се случи нов прекин, но, за среќа, страстите се смирија. По натпреварот, Винисиус го критикуваше раководството на Примера дивисион бидејќи не биле преземени соодветни превентивни реакции да се спречат расистичките навреди кон него.
На таа реакција на фудбалерот, со контрареакција се јави претседателот на Примера дивисион, Хавиер Тебас, кој реши да го искара Винисиус.
„Се обидовме да ти објасниме Винисиус, но ти не се појави на еден од договорените состаноци кој беше во термин што ти го побара. Пред да критикуваш и да ја навредуваш Лигата, потребно е добро да се информираш. Не дозволувај да манипулираат со тебе и обиди се да го разбереш тоа што се прашуваш“, беше пораката на Тебас.
Ваквиот одговор на Тебас дополнително го налути Винисиус, па Бразилецот повторно се јави преку социјалните мрежи.
„Повторно, место да го критикува расизмот, претседателот на Лигата се појави на друштвените мрежи и ме нападна мене. Не сум твој пријател за да зборуваме околу расизмот. Сакам реакција и казни, хаштаговите ништо не ми значат“, порача Бразилецот од Реал Мадрид.