Израел на своето деби на Светските младински првенства за играчи до 20 години, со 3-2 по продолженија ја елиминира втората најтрофејна земја во младинска конкуренција Бразил и обезбеди полуфинале на шампионатот во Аргентина.
Израелците кои беа причината СП за играчи до 20 години наместо во Индонезија (не сакаа да ги примат) да се игра во Аргентина, покажаа уште еднаш дека имаат неверојатно талентирана генерација, која импресионира не само резултатски, туку и со начинот на игра, па вечерва по 120 минутна битка беа поуспешни од младите „кариоки“ предводени од идната голема ѕвезда Андреј Сантос, кој е иден фудбалер на Челси.
Дор Тугерман му пресуди на Бразил со третиот гол во 105+3-та минута, откако Израел во третата минута од регуларниот дел преку Хамза Сибли се спаси од пораз по водството на Бразилците две минути рпетходно со гол на Матеус Насименто.
Маркос Леонардо погоди за прво водство во 56-та, а израмни Анан Калали во 60-та за да најави страшен трилер кој на крај заврши со хепиенд за Израелците.
Израел сега го чека победникот од утрешната пресметка на САД и Уругвај за да го дознае ривалот во полуфиналната битка за место во големото финале.