Македонската одбојкарска репрезентација триумфираше над Хрватска после два и пол часовна битка за втор триумф во групата Б во Златната лига и избивање на второто место, откако избраниците на Јошко Миленковски победија со 25-17, 25-22, 22-25, 29-31, 16-14.
Во неверојатен меч со еден куп пресврти и со брилијантниот Никола Ѓорѓиев кој имаше дури 29 поени зад себе, Македонија победи дури по пет сета, иако тргна извонредно и ги освои првите два со 25-17, и 25-22 и се надевавме дека брзо и лесно ќе ги збришеме Хрватите до средина на третиот сет, но црвено-жолтите одбојкари застанаа.
Хрватска успеа во втората половина од третиот сет да се избори да остане во живот, натпреварот влезе во четврти сет во кој тргнавме ужасно со 1-7, па имавме 13-19, но со неверојатна борба дојде до егал 20-20, а продолжи со страшна борба во која пропуштивме две меч топки, а Хрватска од третата меч топка израмни освојувајќи го сетот со 60 поени (31-29).
Во последниот петти сет, тај-брејкот, по израмнетите 3-3, Македонија прва направи серија од 3-0 за да дојде до 6-3, разликата ја одржуваше со 12-9, кога Хрватите на сервис на Митрашиновиќ врзаа три поени, за да се влезе во многу неизвесна завршница, во која на крајот нијанси решаваа за Македонија да го освои овој сет и да ја оствари победата.
Украина со 3-0 победи во Белгија и го задржа максималниот ефект од три победи досега без загубен сет, славејќи со 25-21, 25-21, 25-23.