Уругвај закажа полуфинале со Израел, а Јужна Кореја ќе игра против Италија во двата дуели за место во финалето на годинешното Мундијалито, Светското првенство за играчи до 20 години што се игра во Аргентина.
Уругвај дојде до седмото полуфинале во својата историја на младинските Мундијали, а двапати беше светски вицепрвак од 1997 и 2013 година, па против Израел ќе се борат за трето финале, откако синоќа со 2-0 ја победија селекцијата на САД.
Андерсон Дуарте во 21-та минута и Џошуа Виндер со несреќен автогол во 56-та на Уругвај му ја донесоа големата победа за полуфинале, а Американците кои првпат на ова Мундијалито примија голови после петфектните четири натпревари со десет дадени гола испаднаа.
Јужна Кореја вторпат по ред игра полуфинале и ќе се бори за второ финале по ред откако во 2019 година го загубија дуелот за златото од Украина, после минималниот триумф со 1-0 против Нигерија по продолженијата.
Откако мечот по 90 минути мина без да се затресат мрежите, Корејците преку Сеок Хјун Чои пет минути по стартот на продолженијата дојдоа до водство и тој гол се покажа како клучен за победата и место меѓу најдобрите четири.
Полуфиналните дуели се во четврток, од 19.30 часот Уругвај и Израел ќе се борат за место во финалето, а од 23 часот е пресметката на Италија и Јужна Кореја. Битката за светската титула е во недела на 11 јуни од 23 часот.