Барселона изби на второто место на табелата во Ла Лига откако вечерва славеше во дуелот што требаше да биде дерби на 29. коло.
Иако драстично ослабени, без петмина првотимци, „каталонците“ го победија Атлетико со 3-0 на „Ванда Метрополитано“ и покажаа дека не се откажуваат ни од борбата за титула во Примера, ни во Лигата на шампионите. Иако повеќе од 40 минути немаше ниедна изгледна шанса за гол, Барса на крајот можеше да слави и уште поубедливо.
Резултатот го отвори фудбалерот на Атлетико на позајмица во Барса, Жоао Феликс во 38. минута, продолжи Левандовски во 47., а точка стави Фермин Лопез на средината од второто полувреме. Левандовски беше убедливо најдобар играч на мечот со еден постигнат гол и две асистенции.
Првите 45 минути изобилуваа со динамична и на моменти груба игра, а гостинската клупа често реагираше на судиските одлуки и сметаше дека Барса е оштетена во неколку наврати. Најпрво гостите поведоа преку Жоао Феликс во 38. минута (по асистенција на Левандовски), а веднаш потоа тренерот Чави Хернандезбеше исклучен поради постојаните протести кон арбитрите.
Атлетико не успеа да постигне ниту почесен погодок а можеше да доживее уште потежок дебакл и сосема заслужено го запиша осмиот сезонски пораз. Ова беше прв неуспех за „јорганџиите“ на домашен терен после период од една година.
Барселона се враќа на втората позиција и сега има осум бода негатива во однос на Реал Мадрид, додека Атлетико останува петтопласиран со вкупно 55 бода на своето салдо.
Барса сега ја помина Жирона и има 64 бода, но негативата во однос на Реал останува осум бода на девет кола пред крајот на сезоната. Атлетико испадна од топ-4 и сега се наоѓа на петтата позиција.