Новак Ѓоковиќ се пласира во финалето на Ролан Гарос и утре ќе има можност да стане првиот тенисер во историјата со 23 Гренд слем титули. Каспер Руд ќе му биде ривалот во финалето, а Србинот ќе ја има улогата на фаворит.
Во полуфиналето, Ѓоковиќ го победи Карлос Алкарас со 3:1 во сетови, но при резултат 1:1 Шпанецот имаше големи грчеви во нозете и рацете и едноставно немаше шанса да даде достоен отпор во продолжението од мечот.
За време на полуфиналето, но и во одреден дел од целиот турнир, на трибините има навивачи кои постојано негодуваат против Ѓоковиќ и го исвиркуваат српскиот тенисер. По победата над Алкарас, Србинот ги прокоментира и тие моменти.
„Не ми е гајле. Не е ни прв, а веројатно ни последе пат да ми свират. За мене најважно е да продолжам да победувам“, рече Ѓоковиќ.
По завршувањето на турнирот во Париз ќе се случат промени и на АТП-листата. Ѓоковиќ со пласманот во финале освои 840 бодови и го прескокна Данил Медведев на втората позиција.
Медведев загуби 230 бодови и од понеделник ќе биде на третата позиција на АТП-листата со 6.100 бодови, додека Алкараз засега останува прв и има 7.145 бода.
Доколку Ѓоковиќ ја освои титулата во Париз, тогаш ќе стигне до 7.595 бода, па јасно е дека би се вратил на тронот на АТП-листата, покрај тоа што ќе стане рекордер по број на освоени гренслем-титули.