Македонскиот најдобар ракометар на сите времиња и актуелен селектор, Кирил Лазаров, доби голема чест да се најде меѓу првите 30 ракометари кои денеска ќе бидат примени во ново формираната „Куќа на славните“ на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Ова ќе биде дел од вечерашната церемонија во Виена наречена „Награди за најдобрите“, која се очекува да стане традиционална во организација на европската Куќа на ракометот. Лазаров е еден од тројцата десни бекови кои ќе влезат во историјата, заедно со Олафур Стефансон и Ласло Наѓ. Тој е и единствен Македонец на оваа листа на бесмртните, меѓу кои од тие што се познати на нашата спортска јавност е и поранешниот голман на Вардар, Арпад Штербик. Меѓу тие што ќе влезат во „Куќата на славните“ се и легендарните Талант Душебаев, Ирфан Смаилагиќ, Ивано Балиќ и Филип Јиха.
Меѓу бесмртните ќе влезат и 30 ракометарки, меѓу кои нема Македонка, но има имиња кои настапувале во македонските клубови како Ања Алтхаус и Едуарда Аморим Талеска.